Град Скопје воведува GPS-систем за следење на службените возила, со цел да се спречат евентуални злоупотреби и да се намалат непотребните трошоци.
На службените возила ќе бидат поставени GPS-тракери преку кои во реално време ќе може да се следи нивната локација, маршрутата по која се движат, брзината и времетраењето на возењето.
Дополнително, со специјални сонди ќе се контролира и потрошувачката на гориво.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека секој поминат километар и секој потрошен литар гориво треба да има оправдување.
Според него, целта е да се воспостави поголема одговорност при користењето на службените возила и подобра контрола врз трошењето на парите на граѓаните.
Како пример за досегашните заштеди, Ѓорѓиевски го посочи ЈСП „Скопје“, за кое наведе дека во првите шест месеци од годинава за гориво биле заштедени околу половина милион евра, иако во сообраќај имало 50 возила повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Од Градот најавуваат дека заштедените средства ќе се насочуваат кон инфраструктурата, јавниот превоз, парковите, улиците, училиштата и културата.








