ПРВ.мк
Македонија

ДОБРА ВЕСТ ЗА ПРИПАДНИЦИТЕ НА АРМИЈАТА: Еве што следува од јануари

ДОБРА ВЕСТ ЗА ПРИПАДНИЦИТЕ НА АРМИЈАТА: Еве што следува од јануари

Македонската Армија влегува во период на засилена модернизација, а од почетокот на следната година се најавуваат и повисоки плати за нејзините припадници. Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека средствата за зголемување на платите ќе бидат предвидени во новиот буџет.

„Од 1 јануари сите ќе бидат задоволни. Предвидуваме средства во новиот буџет за зголемување на платите во Армијата“, изјави Мисајловски.

Паралелно се подготвува и нов Колективен договор, а се работи и на трајно решение за професионалните војници кои ќе наполнат 45 години. Според најавите, тие ќе имаат можност да останат во Министерството за одбрана, да преминат во друга државна институција или да земат отпремнина.

Модернизацијата продолжува и со нова воена опрема. До крајот на годинава се очекува да пристигнат првите два нови хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“, а договорот предвидува вкупно осум воздухоплови.

Мисајловски најави и обновување на Центарот за обука на пилоти во Петровец, каде преку нови катедри на Воената академија ќе се обучуваат нови пилоти и технички кадар.

Во однос на задолжителниот воен рок, министерот истакна дека во моментов нема планови за негово враќање и дека такво барање не доаѓа ниту од НАТО.

Тој потенцираше и дека САД остануваат најголем стратешки партнер на Македонија во областа на одбраната, преку договори, грантови, обуки и заеднички воени вежби.

Армијата, според Мисајловски, останува ангажирана и во справувањето со пожарите низ земјата и ќе продолжи да им помага на граѓаните и општините секогаш кога тоа ќе биде потребно.