ПРВ.мк
Македонија

Македонија пред нов пеколен бран: Температурите ќе надминат 40 степени

Македонија пред нов пеколен бран: Температурите ќе надминат 40 степени

Нов силен топлотен бран ќе ја зафати Македонија од четврток, 20 август, и ќе трае до крајот на неделата, најавува метеорологот Славчо Попоски.

Според најавите, кон земјава од југ ќе продира многу топла воздушна маса со потекло од Африка, која ќе донесе претежно стабилно, суво и сончево време.

Исклучок се очекува во сабота, 22 август, кога во попладневните часови на одредени места ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Особено во планинските предели постои можност за краткотрајно невреме со град и силни налети на ветер.

Најголемо внимание, сепак, привлекуваат температурите. Тие ќе бидат значително над просекот за овој период од годината и низ целата земја се очекува да надминуваат 33 степени.

Најжешко ќе биде во Повардарието, Скопската Котлина и југоисточните делови на Македонија, каде што според прогнозата температурите ќе надминат 40 степени.

Зголемување се очекува и кај минималните температури, па топлото и спарно време ќе продолжи и во текот на ноќта. Во Скопје, Повардарието и југоисточните предели се очекуваат таканаречени тропски ноќи, кога температурата нема да се спушта под 20 степени.

Поради екстремно високите температури, Попоски апелира граѓаните да избегнуваат непотребно изложување на сонце во најтоплиот период од денот, особено меѓу 11 и 17 часот, како и да внесуваат доволно течности.