ПРВ.мк
Македонија

ЌЕ СЕ ИСПЛАТИ ЛИ ГОДИНАШНИОТ ТРУД? Тутунарите бараат повисоки цени поради зголемените трошоци

ЌЕ СЕ ИСПЛАТИ ЛИ ГОДИНАШНИОТ ТРУД? Тутунарите бараат повисоки цени поради зголемените трошоци

Откупот на годинешната реколта тутун во Македонија може да започне од 16 ноември, пред редовниот законски рок, но производителите сè уште се во неизвесност околу цената што ќе ја добијат за својот труд.

Од Сојузот на тутунарските здруженија очекуваат просечната откупна цена да достигне од 440 до 450 денари за килограм, што би било зголемување во однос на минатогодишните 420 денари.

Претседателот на Сојузот, Кире Ристевски, очекува целиот род да се откупува како прва класа, како што било практика во изминатите години.

За откуп се пријавени десет компании, а предвидени се 324 откупни ваги.

Според проценките на производителите, годинешната реколта изнесува околу 26 милиони килограми, додека откупувачите очекуваат приближно 28 милиони килограми.

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, најави дека просечната цена би требало да биде повисока од ланската, но не прецизираше колкаво зголемување се очекува.

Предвидена е и државна поддршка од 80 денари за килограм тутун од прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа.

Сепак, дел од тутунарите сметаат дека најавените цени не се доволни за покривање на зголемените производствени трошоци.

Производителите укажуваат на поскапувањето на горивата, репроматеријалите и работната сила, поради што некои од нив бараат откупна цена од најмалку 10 евра за килограм.

Тие предупредуваат дека не сакаат тутунопроизводството да ја доживее судбината на другите земјоделски култури, за кои годинава имаше незадоволство поради ниските откупни цени.

Според надлежните, околу 18.000 земјоделски стопанства во Македонија се занимаваат со тутунопроизводство, а извозот на тутун и тутунски производи носи годишен девизен прилив од 140 до 150 милиони евра.