ПРВ.мк
Македонија

ЈСП СКОПЈЕ БАРА НОВИ ВОЗАЧИ: Се подготвува средно стручно училиште каде учениците ќе се обучуваат за идните возачи на автобуси!

ЈСП СКОПЈЕ БАРА НОВИ ВОЗАЧИ: Се подготвува средно стручно училиште каде учениците ќе се обучуваат за идните возачи на автобуси!

Проблемот со недостиг на возачи во ЈСП „Скопје“ би можел да добие ново решение – формирање посебна средношколска програма за професионални возачи, преку која младите би се обучувале за работа како возачи на градски автобуси.

Бројот на возачи во скопското јавно претпријатие во последниот период постојано се намалува, поради пензионирање на дел од вработените, но и поради заминување на работници во странство. Само во изминатиот период бројот на возачи бил намален за околу 10 проценти.

Поради страв дека во иднина, дури и со набавка на нови автобуси, ќе нема доволно кадар кој ќе ги управува, советниците во Град Скопје ја поддржаа иницијативата за создавање нов образовен профил за професионални возачи.

Идејата е во АСУЦ „Боро Петрушевски“ да се отвори посебна четиригодишна програма, преку која учениците би стекнувале знаења и практични вештини за професионално управување со возила за јавен превоз.

Советот на Град Скопје едногласно ја прифати иницијативата за воведување програма за професионален возач, која би вклучувала и субвенционирано стекнување со возачки дозволи за категориите Б, Ц, Д и Е, како и можност за вработување во ЈСП „Скопје“.

Според образложението, целта е средното образование да создава готов кадар кој веднаш по завршувањето ќе може да се вклучи во системот на јавниот превоз.

„Потребно е да создадеме кадри кои потоа ќе можат да работат како професионални возачи на автобуси. Во систематизацијата на ЈСП е наведено дека за ова работно место е потребно четиригодишно средно образование“, беше посочено на седницата.

Дополнителен предизвик претставува и законската возраст за добивање дозвола за управување со возила од категориите Ц и Д. Во моментов, за професионална дозвола е потребна одредена возраст, поради што се разгледуваат и можни измени во законската регулатива.

Предлагачите сметаат дека учениците кои би се школувале за оваа професија би имале предност бидејќи за време на четиригодишното образование би стекнале и практично искуство, за разлика од лица кои дополнително се обучуваат по завршување на друго средно образование.

Планот е Град Скопје и ЈСП „Скопје“ да ги поддржат учениците преку субвенционирање на полагањето за потребните возачки категории, а за возврат претпријатието би добило стабилен извор на нови професионални возачи.

За реализација на идејата ќе биде формирано работно тело со претставници од Град Скопје, ЈСП „Скопје“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, Министерството за образование и наука, Центарот за средно стручно образование и Министерството за внатрешни работи.

Ова тело во рок од 60 дена треба да подготви предлог-програма за новото четиригодишно стручно образование, можни измени во Законот за безбедност во сообраќајот, модел за субвенционирано стекнување возачки дозволи и план за идно вработување на учениците во ЈСП „Скопје“.

Најнови вести