Хрватската музичка ѕвезда Јелена Розга уште еднаш приреди незаборавна вечер на Античкиот театар во Охрид, каде пред преполна публика одржа концерт исполнет со емоции, хитови и искрени признанија.
Во еден од најемотивните моменти од вечерта, Розга откри дека и покрај здравствените проблеми, сцената е нејзината најголема сила.
„Многумина ме прашуваат зошто не го намалам темпото. Кога докторот ми вели да внимавам на здравјето, му одговарам дека токму ова ме одржува во живот. Веќе триесет години сум на сцена, а чувството е како штотуку да сум почнала. Ќе пеам сè додека можам да стојам“, им порача таа на присутните.
Нејзините зборови добиваат дополнителна тежина ако се знае дека со години се бори со автоимуното заболување Хашимото, поради кое прима секојдневна терапија, а претходно јавно зборуваше и за проблемите со срцето. И покрај тоа, Розга постојано нагласува дека музиката и концертите ѝ даваат сила да продолжи понатаму.
Во текот на речиси тричасовниот концерт, организиран од продукцијата „Евентум“, публиката ги пееше сите нејзини најголеми хитови, како од соло-кариерата, така и песните од периодот кога беше дел од легендарната група „Магазин“. Посебна атмосфера создаде и гудачкиот оркестар, кој им даде ново звучно доживување на познатите песни.
Вечерта беше збогатена и со интересен момент кога група обожаватели се искачија на сцената со транспарент на кој пишуваше: „Розга пее, Антички гори, ние бараме излез дури до зори.“ Пејачката ги поздрави, ги прегрна, а публиката ги награди со долг аплауз.
Еден од најтрогателните моменти беше изведбата на песната „Лавица“, за која Розга откри дека има посебно место во нејзиното срце и дека уште при првото слушање знаела дека е создадена за неа.
Дополнителни емоции донесе и едно мало девојче, кое и годинава повторно се искачи на сцената за да ѝ подари цртеж што самото го изработило. Видливо трогната, Јелена Розга го прифати подарокот со насмевка и силна прегратка, уште еднаш покажувајќи дека токму ваквите средби со обожавателите се највредниот дел од нејзините концерти.










