Стевчо Јакимовски сè уште се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, иако Врховниот суд ги укина првостепената и второстепената пресуда против него и го врати предметот на повторно судење.
Причината поради која Јакимовски сè уште не е пуштен на слобода е административната процедура, односно писмената одлука на Врховниот суд сè уште не е доставена до сите страни во постапката, меѓу кои и КПУ „Скопје“.
Неговиот адвокат Виктор Цветковски посочува дека Јакимовски ќе остане во затвор сè додека установата официјално не ја добие одлуката.
„Сè додека сите страни не ја добијат писмената одлука, вклучувајќи го и КПУ Скопје, Јакимовски ќе остане во затвор“, изјавил Цветковски.
Врховниот суд на 9 септември го уважи барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Со одлуката се укинати пресудите на Кривичниот и Апелацискиот суд, а предметот е вратен на повторно постапување.
По доставувањето на писмената одлука до надлежните институции треба да се создадат услови Јакимовски да биде пуштен на слобода додека трае новата постапка.









