Голема полициска акција се спроведува на повеќе локации во Скопје, Чаир, Тетово и Гевгелија, во рамки на истрага насочена кон криминална група за која постојат сомневања дека била вмешана во криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и суплементи, како и во коруптивни кривични дела.
Според првичните и неофицијални информации, во досегашниот тек на акцијата се приведени шест лица, додека полицијата трага и по други осомничени. Меѓу лицата опфатени со истрагата, според досегашните информации, има и вработени во Царинската управа.
Полициски екипи вршат претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, при што се проверуваат повеќе објекти и правни субјекти.
Во текот на претресите во Скопје и Тетово, во правни субјекти биле пронајдени магацински простории во кои се чувале различни видови медицински лекови. Во еден од претресените објекти, според досегашните информации, била откриена и машина наменета за екстракција на масло.
Во акцијата постапуваат припадници на Одделот за сузбивање на организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи.
Истрагата, според досега достапните информации, опфаќа сомневања за повеќе кривични дела. Меѓу нив се криумчарење, повреда на права од индустриска сопственост, давање и примање поткуп, како и перење пари.
Полициската акција сè уште трае, а од надлежните институции се очекуваат дополнителни информации за точниот број на приведени лица, предметите и материјалите што биле пронајдени при претресите, како и за кривично-правната квалификација на делата за кои се сомничат опфатените лица.








