Трагично завршила посетата на водопадот Савица во Бохињ, Словенија, каде 44-годишен странски турист го загубил животот, а неговиот седумгодишен син бил тешко повреден откако двајцата паднале во провалија на тешко пристапен терен.
Несреќата се случила во саботата попладне, во близина на водопадот и недалеку од езерото Бохињ. Според досегашните информации, таткото паднал во провалијата додека се обидувал да му помогне на детето, кое претходно паднало.
Планинската спасувачка служба од Бохињ првично добила дојава дека дете паднало во провалија. Кога спасувачите пристигнале на местото, утврдиле дека во бездната се наоѓаат две лица – детето и неговиот татко.
Теренот бил исклучително непристапен, поради што спасувачите морале да се спуштат речиси 60 метри до коритото на потокот во подножјето на стрмната падина. Во сложената акција се вклучил и хеликоптерскиот тим за планинско спасување од Брник.
Според информациите што ги објавија израелските медиуми, загинатиот татко е Гил Хилел, татко на три деца.
Седумгодишното момче, кое било тешко повредено, било извлечено од местото и со хеликоптер на полициската воздухопловна единица пренесено до Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, каде било згрижено.
За жал, спасувачите го пронашле таткото без знаци на живот. Неговото тело било извлечено со помош на специјални техники со јажиња, по што било пренесено до почетната точка и предадено на погребната служба.
По завршувањето на акцијата, планинската спасителна служба од Бохињ објави детали за интервенцијата, опишувајќи ја како една од најтешките ситуации со кои се соочиле.
Спасувачите навеле дека дел од нив веќе се наоѓале во близина на карпестиот дел под Белви, каде што одржувале вежба, додека пилотите на дронови ги завршувале своите активности. Благодарение на тоа, екипата можела речиси веднаш да се упати кон местото на несреќата.
Откако ја потврдиле информацијата дека во клисурата се наоѓаат две лица, спасувачите започнале со спуштањето кон коритото на потокот, кое било на нешто помалку од 60 метри под нив. Истовремено, кон местото се упатила и дежурната екипа од Брник.
Двете лица биле подготвени за транспорт – детето за хеликоптерски превоз до болница, а таткото за извлекување од непристапниот терен.
Во својата објава спасувачите посочија дека планинските несреќи често се резултат на низа околности и одлуки кои во одреден момент се поклопуваат. Тие потсетија дека опасноста сама по себе не мора да доведе до несреќа, но дека човечките постапки можат да бидат дел од синџирот што доведува до трагичен исход.
Од спасувачката служба изразија надеж дека седумгодишното момче ќе закрепне брзо и целосно и дека, заедно со останатите членови на семејството, со текот на времето ќе успее да се справи со трагедијата.
На семејството му изразија длабоко сочувство и истовремено замолија јавноста да се воздржи од коментари во врска со случајот.







