Само тројца државници во светот имаат исклучителен статус кога станува збор за меѓународно патување – тие можат да преминуваат граници без да поседуваат вообичаен пасош.
Станува збор за британскиот крал Чарлс Трети и јапонскиот цар Нарухито и царицата Масако.
Кралот Чарлс Трети при патувања во странство не користи пасош. Наместо класична патна исправа, тој добива посебен документ во форма на официјално барање упатено до властите на земјата што ја посетува. Со него се бара на британскиот монарх да му биде овозможено непречено движење, како и да му се обезбедат потребната помош и заштита во текот на посетата.
Посебен режим постои и во Јапонија. Јапонскиот цар Нарухито и царицата Масако се ослободени од обврската да користат пасош при патувања во странство.
Овој исклучок во Јапонија е утврден со владина одлука уште во 1971 година. Образложението било дека не би било соодветно царот и царицата да ја поминуваат истата административна процедура како останатите патници.
Наместо пасош, за нив се издава посебен документ од Министерството за надворешни работи на Јапонија, кој служи како основа за нивното патување и преминување на границите.
Привилегијата, сепак, не се однесува на останатите членови на јапонското царско семејство. Тие при патување во странство мора да поседуваат редовни пасоши.
Интересно е што меѓу лицата кои немаат ваков исклучок е и папата. Иако е шеф на Католичката црква и суверен на Ватикан, тој при меѓународни патувања користи редовна патна исправа издадена од Ватикан или од државата чиј државјанин е.
Така, според овие посебни правила, Чарлс Трети, Нарухито и Масако се единствените тројца луѓе кои при своите официјални патувања во странство не мора да носат стандарден пасош.








