ПРВ.мк
Балкан

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВОЗАЧИТЕ: Долгорочни визи за камионџии и автобуски возачи - еве од кога!

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВОЗАЧИТЕ: Долгорочни визи за камионџии и автобуски возачи - еве од кога!

Хрватска воведува нов режим за возачите на камиони и автобуси од трети земји, а промените почнуваат да се применуваат од 23 септември 2026 година.

Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска соопшти дека од тој датум ќе започне приемот на барања за визи за долгорочен престој од типот Д, наменети за возачи на автобуси и товарни возила кои се државјани на трети земји чии граѓани се ослободени од визна обврска за влез во Хрватска.

Заинтересираните прво ќе треба да го пополнат онлајн-барањето преку хрватската платформа за издавање визи и да закажат термин. Потоа, барањето мора лично да се поднесе од 23 септември во Амбасадата на Хрватска во Македонија или во соодветен хрватски генерален конзулат, зависно од конзуларната надлежност.

Во првите денови од примената на новиот систем, поради неговото постепено воведување и прилагодување, ќе се примаат најмногу 15 барања дневно на секоја локација. Бројот на прифатени барања потоа постепено ќе се зголемува.

Барањето за долгорочна виза ќе може да се поднесе најрано два месеца, а најдоцна 30 дена пред планираниот почеток на превозот на патници или стока. Од хрватските власти наведуваат дека постапката за обработка може да трае до 45 дена.

Визата Д ќе им овозможува на возачите влез во Хрватска исклучиво за вршење транспорт на патници или стока. Со оваа виза, сепак, нема да имаат право да влегуваат на територијата на други држави членки на Шенген-зоната.

Што се случува при патување во други шенгенски земји?

Доколку возачите превезуваат патници или стока кон други земји од Шенген-зоната или ја користат Хрватска како транзитна земја, нивното движење ќе биде евидентирано преку европскиот Систем за влез/излез, односно EES.

Во системот ќе се создава електронско досие за патникот и ќе се следи времето поминато во Шенген-зоната. Максималниот дозволен престој во рамки на ова правило е 90 дена во период од 180 дена.

Истиот принцип ќе се применува и при приватни посети.

Од хрватското Министерство најавија дека деталниот список на документи кои ќе треба да се достават со барањето ќе биде објавен на почетокот на следната недела на официјалните интернет-страници на Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска и на Амбасадата на Хрватска во Македонија.

Новите правила се однесуваат на сите држави од Западен Балкан, како и на други земји чии државјани вообичаено можат да влегуваат во Хрватска без виза.

Одлуката е донесена во обид да се олесни проблемот со кој се соочуваат транспортните компании од Западен Балкан по воведувањето на новиот систем за дигитална контрола на границите на Европската Унија.