ПРВ.мк
Балкан

ЗВИЦЕР БЕЗ ЛУКСУЗНИОТ ВОЗЕН ПАРК: Запленети автомобили вредни цело богатство - ова е неверојатната штета!

ЗВИЦЕР БЕЗ ЛУКСУЗНИОТ ВОЗЕН ПАРК: Запленети автомобили вредни цело богатство - ова е неверојатната штета!

Црногорската полиција и правосудните органи во изминатите шест месеци привремено одзеле повеќе луксузни автомобили поврзани со Радоје Звицер и неговата сопруга Тамара Звицер, чија вкупна вредност според проценките надминува 1,5 милиони евра.

Возилата биле пронаоѓани и одземани во рамки на повеќе полициски акции, при претреси на вили, гаражи и приватни паркинзи, со што од познатиот луксузен возен парк на семејството останале повеќе автомобили под привремена заплена.

Меѓу возилата особено се издвојува блиндираниот Mercedes G500, чија вредност е проценета на околу 300.000 евра. Вишиот суд во Подгорица донел одлука за негово привремено одземање поради сомневања дека автомобилот бил стекнат со средства или преку извршување кривични дела.

Луксузниот теренец бил пронајден паркиран во близина на магистралниот пат Даниловград–Подгорица, а неговото одземање било извршено по налог на Специјалното државно обвинителство, кое претходно трагало по возилото.

Полицијата го одзела и Audi Q8 кој бил поврзан со Тамара Звицер, 39-годишна жена. Дополнително било утврдено дека за ова возило постоела потрага преку Интерпол.

Во една од акциите, во февруари, особено внимание привлекол и Brabus, чија вредност се проценува на околу половина милион евра. Автомобилот бил пронајден при повеќечасовен претрес на семејната вила и гаражите во Котор.

Во истата акција, од гаражи и приватни паркинзи биле привремено одземени и Volkswagen GTI/R-Line од понова генерација, теренски возила Toyota и Audi, како и уште две луксузни возила од висока класа, меѓу кои SUV и лимузина.

Еден од автомобилите што претходно бил одземен од Тамара Звицер подоцна бил уништен во пожар. Инцидентот се случил во април на паркинг на Управата за имот во Подгорица, а според информациите, пожарот бил подметнат.

Радоје Звицер важи за еден од најбараните бегалци во Европа, а потерници по него се распишани во Србија, Црна Гора и Австрија. Во Црна Гора е осуден на 40 години затвор, додека за информација што би можела да помогне во неговото апсење е понудена награда од 500.000 евра.

Сепак, за дел од информациите поврзани со потеклото на имотот и возилата станува збор за сомневања и постапки што сè уште се во тек, а конечната одлука за нивното одземање зависи од исходот на судските постапки.