Инцидент во Остин, Тексас, предизвика реакции и протести откако агент на американската Служба за имиграција и царина (ICE) застрелал и ранил 28-годишен државјанин на Венецуела.
Станува збор за Вилбер Рафаел Гарсес Перес, кој бил погоден во пределот на торзото и веднаш бил пренесен во болница, соопштила неговата адвокатка Кејт Линколн-Голдфинч за американските медиуми.
Според адвокатката, Гарсес Перес од болницата телефонски ѝ се јавил на сопругата, при што, како што пренесуваат американските медиуми, бил во силни болки. Линколн-Голдфинч исто така изјавила дека тој се наоѓа во притвор на ICE.
Околностите под кои дошло до пукањето засега не се целосно разјаснети. Локалните власти побарале од федералните институции повеќе информации и засега немаат потврда дали 28-годишниот Венецуелец бил директна цел на операцијата на ICE.
Градоначалникот на Остин, Кирк Вотсон, и полицијата повикаа на независна истрага за случајот. Вотсон порача дека жителите на градот треба да дознаат што точно се случило и да имаат чувство на сигурност во сопствената заедница.
Пукањето се случило вчера, непосредно пред 13 часот по локално време. Иако инцидентот предизвикал големо внимание, во јавноста засега се достапни ограничен број детали за самата операција и моментот кога дошло до употреба на оружје.
По настанот, десетици демонстранти се собрале во близина на местото на инцидентот. Дел од нив носеле знамиња на Мексико и Гватемала, додека на транспарентите биле испишани пораки со кои се бара ICE да ја напушти областа на Остин.
Американските локални телевизии објавија снимки од протестот, на кои се гледаат демонстранти од спротивната страна на улицата. Во близина бил забележан и син автомобил „Тојота Корола“ со оштетување на совозачката врата, додека во околината биле присутни агенти на ICE.
Случајот дополнително го привлече вниманието бидејќи доаѓа неколку месеци по друг инцидент во Тексас, кога маж во Хјустон беше усмртен во настан во кој учествувал агент на ICE.
Локалните власти сега бараат да се утврдат сите околности околу пукањето во Остин, вклучително и што му претходело на инцидентот и зошто било употребено огнено оружје.







