Жесток физички конфликт бил снимен на Меѓународниот аеродром Скопје, а ситуацијата во еден момент ескалирала до степен во кој во пресметката била употребена и столица.
Видео од инцидентот денеска било објавено од корисник на платформата Х, при што снимката покажува дека тепачката се одвивала во просториите на аеродромот. Од достапните информации може да се потврди дека станувало збор за посериозна физичка пресметка, во која биле фрлани и предмети.
Засега, сепак, нема официјални информации за тоа што точно ја предизвикало тепачката, ниту пак се соопштени идентитетите на лицата кои учествувале во инцидентот.
Не е потврдено ниту дали во пресметката има повредени лица, како и дали полицијата досега привела некого по настанот.
Во моментот нема ниту посебно официјално соопштение за инцидентот од страна на Меѓународниот аеродром Скопје.
Случајот се очекува да биде дополнително расчистен откако надлежните институции ќе ги утврдат сите околности. Повеќе информации би требало да бидат познати по полициското документирање на настанот, кога ќе се утврди што точно се случило и дали против некој од учесниците ќе бидат преземени соодветни мерки.









