Трагичен настан го потресе познатото летувалиште Ханиоти на Халкидики, каде 84-годишна државјанка на Србија го загубила животот откако се удавила во морето.
Несреќата се случила на централната плажа во Ханиоти. Според информациите објавени во грчките медиуми, жената по давењето доживеала срцев застој, а спасувачите веднаш реагирале и започнале со укажување помош.
Двајца спасители кои биле на плажата веднаш пристапиле кон жената и ги примениле достапните процедури за прва помош. Тие започнале кардиопулмонална реанимација, употребиле дефибрилатор и обезбедиле медицински кислород во обид да ја стабилизираат нејзината состојба.
На местото на настанот набрзо пристигнал и доброволниот спасувач Јоанис Колокитас, заедно со екипа на грчката Итна медицинска помош – ЕКАБ.
Спасувачите и медицинскиот тим продолжиле со обидите за реанимација, користејќи ги сите достапни средства и медицински процедури. И покрај вложените напори и долгата борба за нејзиниот живот, 84-годишната жена за жал не успеала да биде спасена.
Нејзината смрт претставува уште еден трагичен настан за време на летната сезона на Халкидики, каде што голем број туристи од регионот престојуваат во текот на летните месеци.





