Претседателот на Собранието, Африм Гаши, и оваа година нема лично да присуствува на централните чествувања по повод Илинден. Тој изјави дека неговото отсуство е оправдано и нагласи дека тоа не значи оти законодавниот дом нема да биде дел од одбележувањето на еден од најзначајните државни празници.
Според Гаши, Собранието ќе биде претставено преку официјална делегација, а институционалното учество не треба да се поврзува исклучиво со присуството на претседателот на парламентот. Тој потсети дека и претходно ги испратил своите пораки по повод Илинден од собраниската говорница.
Гаши истакна дека ќе отпатува во Египет на настан кој, како што рече, е од значење за државата, додавајќи дека распределбата на делегациите за илинденските чествувања се прави според однапред утврден распоред.
На годинашното одбележување на 123-годишнината од Илинденското востание, владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува во Пелинце, додека собраниската делегација, предводена од пратеникот Антонијо Милошоски, ќе биде на Мечкин Камен. Претседателката на државата, согласно протоколот, ќе остане во Скопје.
По празничните активности, Собранието ќе замине на летна пауза, а до 21 август нема да се одржуваат пленарни седници ниту состаноци на работните тела.
По враќањето од одмор, пратениците ќе треба да продолжат со разгледување на повеќе законски решенија кои останаа недовршени, меѓу кои се Законот за високо образование, законот поврзан со проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“ и Законот за правична застапеност.
Осврнувајќи се и на најавата на ДУИ за формирање анкетна комисија по инцидентот со министерот Иван Стоилковиќ, Гаши рече дека до него сè уште не е доставена таква иницијатива. Тој додаде дека не чувствува лична одговорност за случувањата, бидејќи, како што наведе, инцидентот се случил за време на пауза и надвор од текот на собраниската седница.










