Двајца од седумтемина пациенти со потврдена западнонилска треска, кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести во Скопје, се во критична здравствена состојба и се приклучени на механичка вентилација.
Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информира дека станува збор за пациенти на возраст од 66 и 76 години, кои се сместени на Одделот за интензивна нега. Помладиот од нив бил хоспитализиран на 26 јули, но по наглото влошување на состојбата бил интубиран. Тој не патувал надвор од земјата и имал повеќе хронични заболувања.
Во меѓувреме, на Клиниката се примени уште тројца пациенти со симптоми на акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка. За нив се очекуваат резултатите од лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје, кои треба да покажат дали и тие се заразени со вирусот Западен Нил.
Според директорот Цана, во моментов има седум лабораториски потврдени случаи, а кај уште тројца постои сериозен сомнеж за истата инфекција.
Сите потврдени и сомнителни пациенти се од различни населби во Скопје. Само едно лице неодамна престојувало во Грција, додека останатите не патувале надвор од државата. Најголем дел од заболените се постари од 60 години и имаат придружни заболувања, што ги прави поранливи на потешка форма на болеста.
Од Инфективната клиника предупредуваат дека западнонилската треска може брзо и неочекувано да ја влоши здравствената состојба, поради што е потребно внимателно болничко следење. Бидејќи не постои специфичен лек за вирусот, терапијата е насочена кон ублажување на симптомите и одржување на виталните функции.
Здравствените власти апелираат граѓаните да преземаат мерки за заштита од убоди од комарци, бидејќи тие се главните преносители на вирусот, со цел да се намали ризикот од нови инфекции.










