Во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, СВР Охрид ги интензивира превентивните активности насочени кон младата популација, со цел да се укаже на штетноста и ризиците од нелегалната употреба на пиротехнички средства, како и на можните последици од користењето на петарди и други огнено-експлозивни материјали.
Превентивни кампањи и едукација на учениците Активностите се реализираат во основните и средните училишта низ градот и приградските населби преку интерактивна комуникација, предавања и видео презентации. Полициските службеници од отсекот за превенција ги информираа учениците за:
- Опасностите од незаконска употреба на пиротехника.
- Потенцијалните тешки и трајни повреди што може да се предизвикаат.
- Законските казни за недозволено поседување или користење на пиротехнички средства.
Контроли и законски мерки Во тек се засилени контроли кон физички и правни лица, а при секое пронаоѓање на нелегална пиротехника, против сторителите ќе бидат преземени законски мерки и поднесени пријави за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место, што се смета за општа опасност.
- Законот за прекршоци против јавниот ред и мир (член 31) предвидува глоба од 200 до 500 евра за оној кој неовластено употребува огнено оружје, пиротехника или друг експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
- Кривичниот законик (член 396) предвидува: Недозволено изработување, држење, продажба или тргување со огнено оружје, муниција или експлозивни материи се казнува со затвор од 3 до 10 години. Ако предмет на делото е поголемо количество или материјали забранети за граѓаните, казната е најмалку 5 години затвор.
- Недозволено изработување, држење, продажба или тргување со огнено оружје, муниција или експлозивни материи се казнува со затвор од 3 до 10 години.
- Ако предмет на делото е поголемо количество или материјали забранети за граѓаните, казната е најмалку 5 години затвор.
СВР Охрид апелира до граѓаните, особено младите, да се воздржуваат од користење на нелегална пиротехника и да го почитуваат законот, за да се обезбеди безбедноста на сите граѓани за време на празниците.
















