Четворица млади лица од Прилеп се соочуваат со кривична пријава откако со возила натоварени со огревно дрво намерно удриле во службено возило на шумската полиција.
Од Секторот за внатрешни работи Прилеп информираат дека против И.И. (21), Р.И. (19), Е.А. (25) и М.А. (18), сите од Прилеп, е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Инцидентот се случил на 25 ноември 2025 година на патниот правец Прилеп – Велес, на локација позната како Дервен. Според полицијата, пријавените се движеле со две патнички возила натоварени со огревно дрво и не застанале на даден знак за запирање од страна на шумските полицајци.
Наместо да застанат, тие со возилата се обиделе да удрат во службените лица, при што на крајот удриле во службеното возило на шумската полиција.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе следува натамошна постапка согласно законот.
















