Кина ќе воведе привремени царини на увозот на млечни производи од Европската Унија, со стапки до 42,7 проценти, како дел од продолжувањето на трговските мерки против ЕУ. Овие мерки се сметаат за одмазда за царините што Унијата ги воведе за кинески електрични возила.
Царините, кои стапуваат на сила утре, ќе се движат од 21,9 до 42,7 проценти, со што повеќето компании ќе плаќаат нешто помалку од 30 проценти. Мерките се однесуваат на незасладено млеко и павлака, како и на свежи и преработени сирења, вклучувајќи ги француските класики Рокфор и Камамбер.
Кинеското Министерство за трговија објави дека млечните производи од ЕУ се субвенционирани и дека им штетат на кинеските производители. Европската комисија, пак, оцени дека истрагата е базирана на „сомнителни тврдења и недоволни докази“ и ги нарече мерките „неоправдани и неосновани“.
Трговските тензии меѓу ЕУ и Кина започнаа во 2023 година, по истрагата на Европската комисија за кинески субвенции за електрични возила, а во октомври 2024 година беа воведени царини од страна на ЕУ. Пекинг, како одговор, веќе воведе ограничувања за увоз на ракија и свинско месо, а сега и на млечни производи.
















