Албанската влада одлучи значително да ја зголеми минималната плата, која од јануари ќе изнесува 50.000 леки, односно околу 510 евра. Со ова зголемување од приближно 100 евра во однос на досегашниот минимум, земјата прави обид да се оддалечи од дното на регионот според висината на платите.
Одлуката директно ќе влијае врз животниот стандард на стотици илјади семејства. Министерката за економија и иновации, Делина Ибрахимај, соопшти дека повисоки примања ќе добијат повеќе од 300.000 вработени во јавниот и приватниот сектор.
„Проценките покажуваат дека оваа мерка ќе има ефект врз околу 307.850 регистрирани работници. Целта е да се заштити животниот стандард, да се зајакне човечкиот капитал и да се подобрат условите за живот на илјадници семејства низ Албанија“, изјави Ибрахимај.
Очекувања за намалување на сивата економија
Владата очекува дека покачувањето на минималната плата ќе има пошироки ефекти врз економијата и пазарот на труд. Според надлежните, повисокиот минималец треба да придонесе за:
- намалување на неформалната економија;
- поголемо почитување на законските договори за вработување;
- подобра заштита на правата на работниците.
Рама: Ова не е крајната цел
Премиерот Еди Рама најави дека сегашното зголемување е само почеток. Тој потенцираше дека Владата планира дополнителни корекции на минималната плата во текот на мандатот.
„Нашата долгорочна цел е минималната плата во Албанија да достигне 700 евра“, порача Рама, најавувајќи продолжување на политиките насочени кон раст на платите и задржување на работната сила во земјата.
















