ПРВ.мк
Економија

ПЛАТИТЕ ПОД УДАР: Намалување од 10 до 20 илјади денари во јавниот сектор?!

ПЛАТИТЕ ПОД УДАР: Намалување од 10 до 20 илјади денари во јавниот сектор?!
Kristal

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на измените на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, а доколку институциите не реагираат, не се исклучуваат ниту протести и штрајкови.

Според ССМ, измените усвоени во јули и август 2025 година сериозно ги загрозуваат работничките права, бидејќи со нив се заобиколува колективното договарање, особено во делот на утврдувањето и исплатата на платите. Со новите одредби, државата си остава простор самостојно да ја одредува методологијата за плати, што, според синдикалните анализи, може да доведе до намалување на примањата на административците од 10 до 20 илјади денари.

Една од клучните измени е бришењето на формулацијата „и со колективните договори“ од Законот за административни службеници, со што се ограничува можноста правата од работен однос, вклучително и платите, да се уредуваат преку колективно договарање. Слични интервенции се направени и во Законот за вработените во јавниот сектор.

Измените се предложени и изгласани од пратениците на владејачкото мнозинство, без претходна консултација со синдикатите и без согласност на Економско-социјалниот совет.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изјава за медиумите нагласи дека првиот чекор ќе биде уставна иницијатива, со која ќе се побара оценка на уставноста на законите, а паралелно ќе се побара и официјално произнесување на Економско-социјалниот совет.

„Со овие закони се суспендира правото на колективно договарање, што е спротивно на Уставот, Законот за работните односи и меѓународните трудови конвенции. Колективните договори не смеат да бидат елиминирани кога станува збор за платите и другите права на вработените во јавниот сектор“, истакна Трендафилов.

Тој потсети дека член 32 од Уставот јасно утврдува дека правата и положбата на вработените се уредуваат и со закон и со колективни договори, а нивното исклучување претставува повреда на темелните уставни вредности, како што се владеењето на правото, социјалната правда и заштитата на човековите права.

ССМ најавува дека доколку избришаните одредби не бидат вратени и доколку не се предложат итни законски корекции, синдикатите ќе пристапат кон организирање на масовни протести и штрајкови.

Како дополнителен аргумент дека законите се избрзани и нефункционални, од ССМ посочуваат и на фактот дека неодамна е донесена одлука нивната примена да се одложи до јануари 2027 година.

„Останува отворено прашањето – кој и зошто сака, преку исклучување на колективните договори, да овозможи намалување на работничките плати“, порача Трендафилов.

FixCredit
Escape