Во селото Ораовица, Радовишко, синоќа се случила сообраќајна незгода во која е повреден возач, информира Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата до ОВР Радовиш, на 21 декември околу 21:30 часот, патничко возило „Опел Корса“ без регистарски ознаки, управувано од И.В. (46) од Ораовица, удрило во паркирано возило „Форд Фокус“ со радовишки регистарски таблички, сопственост на Ц.Л., исто така од селото.
Во незгодата, возачот на „Опел Корсата“ се здобил со телесни повреди, кои биле констатирани во Здравствениот дом во Радовиш.
При преземање на понатамошни мерки било утврдено дека возачот го управувал возилото под дејство на алкохол, со измерени 2,21 промили алкохол во крвта.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот, против И.В. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
















