Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да го назначи Гоце Седлоски за нов селектор на националниот тим. Одлуката е донесена по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ (претседател на ФФМ), Горан Пандев (директор на Национални репрезентации), Николче Новески (раководител на Скаутинг службата на ФФМ), Агим Ибраими (член на Управниот одбор на ФФМ) и Марјан Стојковски (потпретседател на ФФМ).

Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во македонскиот фудбал. Како поранешен репрезентативен капитен, тој има 100 настапи и осум голови за националниот тим, што го прави првиот македонски фудбалер со 100 настапи за репрезентацијата. Тој веќе има искуство во стручниот штаб на националниот тим, вклучувајќи го и август 2012 година кога го водеше тимот како в.д. селектор во пријателскиот натпревар против Литванија (1:0).
Во својата тренерска кариера, Седлоски работел како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво го водел Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички. Тој освои три шампионски титули: со Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, со Шкупи во 2021/22, како и Куп титула со Вардар во сезоната 2024/25.
Како фудбалер, Седлоски започна во Братство Горно Коњари и Питу Гули Крушево, по што настапуваше за Победа Прилеп, а потоа за Хајдук Сплит и Динамо Загреб во Хрватска, каде што беше првиот странец капитен на тимот. Следуваа интернационални ангажмани во Шефилд Венздеј (Англија), Вегалта Сендаи (Јапонија), Дијарбакирспор (Турција) и Матерсбург (Австрија).
ФФМ верува дека искуството, авторитетот и познавањето на македонскиот фудбал на Седлоски ќе донесат стабилност, континуитет и напредок на националниот тим.
Официјалната промоција на Гоце Седлоски за селектор е закажана за утре во 11:30 часот во хотел „Хилтон“ во Скопје.
















