Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) вечерва предупреди дека нов атмосферски систем, кој во моментов се движи од Албанија и Косово, се приближува кон Македонија.
Според информациите од УХМР, за разлика од претходното невреме кое беше проследено со силен ветер, новиот бран нестабилно време може да донесе пообилни врнежи од дожд и појава на град.
„Невремето во Албанија и Косово во моментов се движи кон Македонија. Ова невреме можно е да биде со поизразени врнежи и град, а не ветер“, соопштија од УХМР.
Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да ги следат најновите метеоролошки информации и да избегнуваат непотребно движење на отворено доколку во нивното подрачје започне силно невреме.
По денешните временски непогоди во повеќе делови од земјата, метеоролозите предупредуваат дека локално повторно се можни интензивни врнежи, грмежи и град, па се препорачува дополнителна претпазливост, особено во регионите кои би можеле да бидат зафатени од новиот облачен систем.








