Според најновото истражување на Институтот за политички истражувања (ИПИС), доколку парламентарни избори се одржат во скоро време, најголема поддршка кај граѓаните би имала владејачката ВМРО-ДПМНЕ со 26 проценти од гласовите.
На второто место се наоѓаат СДСМ и коалицијата предводена од ДУИ, кои би освоиле по 8,9 проценти. Веднаш зад нив е коалицијата ВЛЕН со 8,2 проценти, додека Левица би добила поддршка од 5,9 проценти од испитаниците. Партијата ЗНАМ би освоила 3,9 проценти, а 1,7 проценти од граѓаните изјавиле дека би гласале за некоја друга политичка опција.
Истражувањето покажува и значителен процент на неопределени гласачи – 13,1 процент рекле дека нема да гласаат за ниту една партија, 11 проценти одбиле да одговорат, а 11,7 проценти изјавиле дека сè уште немаат став или не знаат за кого би гласале.
Довербата во политичките лидери
На прашањето кој политичар ужива најголема доверба, најмногу испитаници – 27,3 проценти – го посочиле лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Сепак, висок е и бројот на граѓани кои немаат доверба во ниту еден политичар – 25,5 проценти.
По Мицкоски, следуваат лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 9 проценти доверба, претседателот на СДСМ Венко Филипче со 5,1 процент и Димитар Апасиев од Левица со 5 проценти. Поддршка, но со пониски проценти, имаат и Максим Димитриевски (3,8%), Изет Меџити (3,5%), Билал Касами (2,8%), Африм Гаши (2,3%) и претседателката Гордана Сиљановска Давкова (2,1%).
Поранешниот претседател Стево Пендаровски ужива доверба кај 1,3 проценти од анкетираните, додека поранешниот премиер Никола Груевски кај 1,1 процент.
Методологија
Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 15 до 18 декември 2025 година, на репрезентативен примерок од 1.114 полнолетни граѓани од целата држава. Примерокот е случаен и стратификуван според повеќе демографски критериуми, при што Скопје е опфатено како посебна целина.
Од ИПИС информираат дека истражувањето е финансирано со сопствени средства и има за цел да ги анализира политичките рејтинзи и нивото на доверба во партиите и политичките лидери.
















