ПРВ.мк
Македонија

БОЛНИЦАТА „ЈАСЕНОВО“ ИНФОРМИРА: Состојбата на повредените од ПУЛС е стабилна - еве колку пациенти се под лекарски надзор!

БОЛНИЦАТА „ЈАСЕНОВО“ ИНФОРМИРА: Состојбата на повредените од ПУЛС е стабилна - еве колку пациенти се под лекарски надзор!
Kristal

Дел од повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани се лекуваат и се под лекарски надзор во Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“ кај Велес. Станува збор за дваесетина млади лица кои при пожарот, ноќта на 16 март, вдишале врел воздух и токсичен чад, што довело до оштетувања на дишните патишта.

Според лекарите, досегашните наоди се охрабрувачки.

„Кај најголемиот дел од младите резултатите се во границите на нормалата. Нема трајни или дефинитивни промени во белодробното ткиво, ниту создавање на сврзно ткиво што би довело до хронична респираторна инсуфициенција. За среќа, сите се во стабилна и добра здравствена состојба, без оштетување на срцето и без долгорочни последици“, изјави д-р Гоце Бузалков, интернист и пулмоалерголог.

Тој посочи дека во пожарот биле присутни одредени токсични агенси кои сè уште не се целосно идентификувани, но предизвикале иритации и оштетувања на дишните патишта.

Специјализирана нега за младите оштетени

Поради недостиг на ваков тип супспецијалисти во земјава, донесена е одлука дел од над 200 повредени лица да се следат токму во болницата „Јасеново“, која располага со соодветна експертиза.

За време на прегледите, лекарите прават детална проценка на капацитетот за дишење, присуството на воспалителни процеси и евентуални деформации на бронхиите. Се користат рендген снимки, спирометрија и оксиметрија, со цел да се утврди дали белите дробови обезбедуваат доволна сатурација на кислород, која кај овие млади треба да изнесува меѓу 96 и 99 проценти.

„Станува збор за млади лица на возраст од 17 до 22 години. Кај некои има повремена кашлица, чувство на гушење, замор и малаксаност при физички напор. Затоа внимателно ја следиме нивната состојба и разговараме и за иднината, не само за медицинските параметри“, додава д-р Бузалков.

Лекарот нагласува дека овие лица во болницата имаат приоритетен третман и доаѓаат заедно со своите родители, а пристапот е насочен и кон нивната психолошка состојба, бидејќи покрај физичките повреди, носат и тешки психички трауми.

Изгорениците ќе заздрават, стравот полека се намалува

Повеќето од младите имале изгореници на рацете, лицето и вратот – повреди кои можат да заздравуваат со месеци, но според лекарите нема да остават трајни последици. Респираторните тегоби кои се појавиле по пожарот кај најголемиот дел веќе се повлекуваат без сериозни компликации.

„По интензивното лекување, прегледите и разговорите, кога ќе помине стравот и неизвесноста, кај младите повторно се враќа довербата во животот. Токму тоа е најважниот дел од процесот“, вели д-р Бузалков.

Потсетување на трагедијата

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Во тек е судска постапка против 35 физички и три правни лица.

Според обвинението, трагедијата не била несреќен случај, туку резултат на долгогодишно непочитување на законите, системски пропусти и сериозни безбедносни пропусти. Дискотеката работела незаконски уште од 2012 година, без минимални технички услови, со нерегистрирани реконструкции, без соодветна противпожарна заштита и со висок ризик по животот на посетителите.

FixCredit
Escape