ПРВ.мк
Црна Хроника

МАКЕДОНСКАТА МУЗИЧКА СЦЕНА ВО ТАГА: Почина човекот што ја раскажуваше музиката!

МАКЕДОНСКАТА МУЗИЧКА СЦЕНА ВО ТАГА: Почина човекот што ја раскажуваше музиката!
Kristal

На 75-годишна возраст почина Драган Б. Костиќ, еден од највлијателните и најпрепознатливи радиоводители во историјата на Македонското радио. Веста за неговата смрт ја соопшти неговиот син Бане Костиќ преку социјалните мрежи.

Последното збогување ќе се одржи утре, во недела на 21 декември, во капелата на гробиштата Бутел, во периодот од 12:30 до 13:30 часот.

„Со голема тага ја споделуваме веста дека утринава нè напушти нашиот сопруг, татко и дедо, Драган Костиќ. Семејството упатува искрена благодарност до медицинскиот тим и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, а особено до д-р Благоја Шунтов, за професионалната грижа и човечноста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно, Диско селекторе“, напиша неговиот син.

Драган Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје. Својата долгогодишна и исклучително плодна кариера ја изгради во Македонското радио, каде што стана синоним за квалитетна музичка програма. Најмногу ќе биде запаметен како автор и водител на култните емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“.

Емисијата „Диско селектор“ започна со емитување на 29 јуни 1974 година и со текот на времето прерасна во музичка институција што обележа неколку генерации слушатели. „Заборави ако можеш“, пак, достигна импресивни 4.500 изданија до октомври 2013 година.

По повод три децении од постоењето на „Диско селектор“, Костиќ организираше голем музички настан на скопското лизгалиште, кој привлече околу 6.500 посетители и остана запаметен како еден од најмасовните музички собири во Македонија.

Неговото творештво вклучува и други радиоемисии како „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“. Покрај тоа, Костиќ беше страстен музички архивар, со колекција од над еден милион аудио записи – една од најбогатите во регионот.

Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони.

Со неговото заминување, македонската медиумска сцена изгуби еден од своите најавтентични гласови, а публиката – човек кој децении ја образуваше и инспирираше преку музиката.

FixCredit
Escape