ПРВ.мк
Македонија

ТИВКА КРИЗА НА ПАЗАРОТ НА ТРУД: Невработеноста паѓа, работници нема - кој ќе работи во иднина?

ТИВКА КРИЗА НА ПАЗАРОТ НА ТРУД: Невработеноста паѓа, работници нема - кој ќе работи во иднина?
Kristal

Иако Македонија успеа да ја намали стапката на невработеност на 12,5 проценти, пазарот на труд се соочува со сериозен структурен проблем – недостиг од стручен и специјализиран кадар, особено во областа на дигиталните технологии и зелената економија. Економските експерти предупредуваат дека без паралелен раст на продуктивноста, зголемувањето на платите може повторно да ја разгорува инфлацијата.

Универзитетскиот професор и познавач на пазарот на труд, Димитар Николоски, укажува дека позитивните статистики не ја отсликуваат целосно реалната состојба во економијата.

Платите растат, продуктивноста заостанува

Според Николоски, иако растот на платите и намалувањето на невработеноста се охрабрувачки сигнали, економијата и натаму се соочува со длабоки структурни слабости.

„Доколку продуктивноста не се зголемува со исто темпо како платите, се отвора простор за нов инфлаторен притисок“, предупредува тој.

Најизразен проблем е недостигот од работници со специфични знаења – компаниите сè потешко наоѓаат кадар кој може да одговори на барањата на дигиталната трансформација и одржливиот развој.

2026 – година на клучни економски одлуки

Следната година ќе донесе низа важни чекори на економски и законодавен план. Се очекува редовно усогласување на минималната плата во март 2026 година, како и поефикасна примена на Законот за работно ангажирање, со цел да се надмине сезонскиот недостиг од работна сила.

Дополнително, најавено е донесување закон за социјални претпријатија, како и засилен фокус на регионален развој преку концептот на „паметна специјализација“, кој треба да обезбеди порамномерен економски напредок низ државата.

Домашното производство како клуч за стабилност

Економистите предупредуваат дека без долгорочни и јасни стратегии за развој, економијата ќе остане чувствителна на надворешни шокови. Бизнис-заедницата испраќа јасна порака – неопходна е силна поддршка за домашното производство.

Големата зависност од увоз, според нив, директно влијае врз цените и ја прави економијата ранлива на глобалните економски турбуленции, што дополнително ја нагласува потребата од јакнење на домашниот економски потенцијал.

FixCredit
Escape