ПРВ.мк
Македонија

СРЦАТА СЕ СОБИРААТ ВО ВЕЛЕС: Концерт со хуманитарна мисија - еве за кои лица е наменет!

СРЦАТА СЕ СОБИРААТ ВО ВЕЛЕС: Концерт со хуманитарна мисија - еве за кои лица е наменет!
Kristal

Оперски хуманитарен гала концерт што ќе се одржи вечерва со почеток во 19 часот, во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, официјално ја означува стартната точка на кампањата „Заедно за нов дом“. Кампањата ќе се реализира во текот на 2026 година и има за цел унапредување и проширување на услугата „Живеење со поддршка“, преку отворање на четири нови мали групни домови.

Настанот е во организација на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, кое е лиценциран и овластен давател на услугата „Живеење со поддршка“. Здружението веќе успешно управува со вакви домови во Велес и во Градско, обезбедувајќи достоинствено и независно живеење за лицата со попреченост.

Во празнична, предновогодишна атмосфера исполнета со класична музика, на сцената ќе настапат реномирани македонски оперски уметници: Вероника Караколева (сопран), придружувана од пијанистката Фросина Џини, Полина Тасева (сопран), Вариса Хајдарпашиќ (сопран), Влатко Груевски (тенор) и Дарко Тодоровски (бас-баритон), со музичка поддршка на Андреј Наунов (пијанист и диригент).

Претседателката на здружението, Далиборка Златева, упати јавен повик до сите хумани граѓани да ја поддржат иницијативата и преку музиката да дадат свој придонес за подобар и подостоинствен живот на лицата со попреченост.

– Со учеството на врвни домашни уметници, оваа вечер добива посебна вредност и благородна мисија. Целокупниот приход од продажбата на влезниците ќе биде наменет за корисниците на услугата „Живеење со поддршка“, која овозможува самостојно живеење во станбени единици со 24-часовна стручна помош од негуватели и професионален тим – истакна Златева.

Таа појасни дека преку оваа услуга на корисниците им се обезбедува поддршка во секојдневните активности, социјализација, интеграција во заедницата и унапредување на нивната самостојност.

Донациските влезници, по цена од 1.000 денари, можат да се набават на билетарата на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, како и директно преку Здружението, со уплата на трансакциската сметка: 290 000027359871 – ТТК банка, со назнака: „Донациски влезници за хуманитарна оперска гала вечер“.

FixCredit
Escape