Тешка несреќа се случи на скијачкиот центар Савин Кук на Дурмитор, каде едно лице го загуби животот, а друго е тешко повредено откако паднале од корпата на ски-лифтот.
Според информациите, станува збор за странски државјани, а инцидентот се случил на жичара број два. Несреќата се случила во стрмниот, втор дел од трасата, кога туристите паднале од корпата додека се движела кон врвот.
Според првичните сознанија, загинал маж, додека жената која била со него се здобила со тешки повреди, но е во свесна состојба и комуникативна.
На местото веднаш интервенирале спасувачки екипи, а во тек е истрага за утврдување на причините за несреќата. Првичните информации укажуваат на можен технички дефект на жичарата во вториот дел од трасата кон Савин Кук.
Според неофицијални податоци, корпата во која се наоѓале туристите наводно почнала да се лизга наназад, по што дошло до трагичниот пад.
Надлежните служби продолжуваат со увид и дополнителни проверки за да се утврдат сите околности околу несреќата.
















