Основното јавно обвинителство Битола поведе кривична постапка против 56-годишен маж, осомничен за телесна повреда и полов напад и силување, согласно членовите 130 и 186 од Кривичниот законик.
Според наводите на обвинителството, инцидентот се случил на 18 декември во попладневните часови, во заедничкиот дом на осомничениот и неговата вонбрачна партнерка, на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола.
Осомничениот најпрво физички ја нападнал жената, удирајќи ја по телото, лицето и главата, а потоа зел трпезариска столица со која дополнително ја удрил. Насилството продолжило кога ја влечел кон терасата, притоа заканувајќи ѝ се дека ќе ја фрли. Од нападот, оштетената се здобила со телесни повреди.
По физичкото насилство, мажот ѝ наредил да се соблече и да имаат сексуален однос. Откако таа одбила, тој насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, наведува Обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола поднел предлог за определување мерка притвор, при што се оценува постоење на опасност од бегство, како и ризик осомничениот да продолжи со вршење на семејно насилство, имајќи предвид дека двајцата живеат во исто домаќинство.
Постапката е во тек.
















