ПРВ.мк
Македонија

Во уште еден македонски град водата не е безбедна за пиење – издадени итни препораки

Во уште еден македонски град водата не е безбедна за пиење – издадени итни препораки

Центарот за јавно здравје – Прилеп соопшти дека водата од градскиот водовод во Крушево е бактериолошки неисправна, поради што до граѓаните се упатени препораки да не ја користат за пиење.

Според резултатите од редовната контрола на квалитетот и безбедноста на водата, е утврдено отсуство на резидуален хлор, како и присуство на бактерии од цревно потекло.

За состојбата веднаш биле известени надлежните државни институции и раководството на ЈКП „Комуна“ – Крушево, а од Центарот за јавно здравје препорачуваат за пиење да се користи исклучиво пакувана вода.

Водоводната вода може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна и миење садови само доколку претходно се преврива најмалку 10 минути. Овие мерки ќе останат во сила сè додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата.

Испитувањата спроведени на 20 јули покажале бактериолошка неисправност и на крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, кои исто така не треба да се користат за пиење.

Од ЦЈЗ – Прилеп најавија дека ќе бидат во постојана комуникација со надлежните институции и редовно ќе ја информираат јавноста за состојбата.

Инаку, и минатото лето Крушево се соочи со сличен проблем, кога поради присуство на бактерии беа воведени ограничувања за користење на водата за пиење.