За православните христијански верници од утре, 14 август, започнува Богородичниот или Успенскиот пост, посветен на Успението на Пресвета Богородица, празник кој се одбележува на 28 август.
Станува збор за најкраткиот од четирите повеќедневни пости во текот на годината. Неговата цел, според црковното учење, е верниците преку молитва, воздржување и духовна подготовка да го дочекаат празникот познат и како Голема Богородица.
Богородичниот пост има долга традиција. Сведоштва за неговото оформување се среќаваат уште во списите на Теодор Студит од IX век, а официјално бил утврден на Цариградскиот собор во 1166 година.
По строгост, овој пост е построг од Петровденскиот и Божикниот, но не како Великиот пост. На празникот Преображение Господово црковниот типик дозволува употреба на риба, а традиционално тогаш во храмовите се осветува и грозјето.
Сепак, Црквата нагласува дека постот не се сведува само на изборот на храна. Духовниот пост подразбира воздржување од лоши мисли, зборови и дела, додека телесното воздржување се смета за помош во духовната подготовка.
Начинот и строгоста на постењето може да се приспособат според личните околности и советот од духовник.
Празникот Успение на Пресвета Богородица – 28 август, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во земјава.









