ПРВ.мк
Македонија

ПРВА КАЗНА ЗА НАПУШТАЊЕ МИЛЕНИЧИЊА: Сторителот ќе плати 550 евра!

ПРВА КАЗНА ЗА НАПУШТАЊЕ МИЛЕНИЧИЊА: Сторителот ќе плати 550 евра!

Оставените мачиња во парк во Скопје доведоа до прва конкретна санкција, откако Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) му изрече глоба на лицето осомничено дека ги напуштило животните.

Случајот бил пријавен до ЈП „Лајка“ од страна на граѓанин, кој доставил и видео и фотографии како доказ за настанот. Според пријавата, легло со мали мачиња било оставено во парк во близина на трговски центар во Скопје.

По добиените информации, АХВ спровела вонредна инспекциска контрола. За да се утврди кој го сторил прекршокот, биле обезбедени и податоци од Министерството за внатрешни работи за идентитетот на лицето, како и регистарските таблички на возилото со кое биле превезувани мачињата.

По утврдувањето на одговорноста, на сторителот му била изречена глоба од 550 евра во денарска противвредност.

Од АХВ информираат дека казната е изречена поради прекршување на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за ветеринарно-медицински препарати.

Случајот предизвика голем број реакции кај граѓаните и активистите за заштита на животните. На социјалните мрежи беше поздравено тоа што надлежните институции постапиле по пријавата и бил утврден сторителот.

Дел од граѓаните посочуваат дека ваквата постапка може да биде важен чекор кон посериозна заштита на животните и создавање практика во која напуштањето на мачки и кучиња нема да останува без последици.

Активистите истовремено апелираат до граѓаните да не ги игнорираат ваквите случаи. Доколку некој забележи дека животни намерно се оставаат на улица или на друго место, особено доколку постојат фотографии, видео или други докази, случајот треба да биде пријавен до надлежните институции.

Напуштањето животни може да се пријави во АХВ на бесплатниот телефонски број 0800 3 2222, како и преку електронската адреса [email protected].