ПРВ.мк
Свет

ВИРУСОТ ЗАПАДЕН НИЛ ЗЕМА ЖРТВИ – Најтешката форма е потврдена кај 102 лица

ВИРУСОТ ЗАПАДЕН НИЛ ЗЕМА ЖРТВИ – Најтешката форма е потврдена кај 102 лица

Во Италија од почетокот на годинава до 12 август се потврдени 226 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил, а седум лица починале, покажуваат најновите податоци на италијанскиот Национален институт за здравство.

Од вкупниот број заразени, 102 лица развиле невроинвазивна форма на болеста, додека кај 38 дарители на крв инфекцијата била откриена без симптоми.

Циркулација на вирусот досега е потврдена во 55 провинции во 16 региони во Италија, што претставува дополнително проширување во однос на претходните недели.

Во меѓувреме, според информациите на македонскиот Институт за јавно здравје наведени во доставениот извештај, регистриран е и првиот смртен случај од Западен Нил во Македонија. Станува збор за 83-годишен маж од Скопје кој бил лекуван на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Симптомите кај пациентот започнале на 2 август со треска, главоболка, општа слабост, болки во мускулите и зглобовите, вкочанетост на вратот и нарушување на свеста. Кај него бил дијагностициран менингитис, а имал и други хронични заболувања.

Присуството на вирусот било потврдено со серолошко испитување на цереброспиналната течност.

Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец, а кај дел од инфицираните може да предизвика сериозни невролошки компликации.