Македонската инженерка Љупка Вртева, која професионалната кариера ја гради во Словенија, е избрана меѓу 12-те највлијателни инженерки во светот за 2026 година во рамките на престижниот меѓународен избор „Women Engineers You Should Know – 2026“, организиран од Друштвото на жени инженери (SWE).
Вртева, која работи како развоен инженер во Љубљана, истакна дека ова признание за неа претставува особена чест бидејќи доаѓа од светската инженерска заедница. Таа нагласува дека и покрај признанието, нејзин главен фокус остануваат проектите, професионалниот развој и постојаното учење.
Во образложението за нејзиниот избор е наведено дека успешно ги поврзува техничката експертиза, иновативниот пристап и решенијата насочени кон потребите на луѓето, истовремено придонесувајќи за поголема афирмација на инженерската професија.
Ова не е прво големо признание за Вртева. Пред две години таа беше прогласена за Инженер на годината во Словенија, а новото меѓународно признание дополнително ја потврдува нејзината успешна кариера.
Најголемиот дел од нејзиното професионално искуство е поврзан со проектирање енергетски системи за објекти, вклучувајќи системи за греење, ладење, вентилација, енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија.
Според Вртева, вистинското инженерство значи создавање технологии кои се прилагодени на човекот и го подобруваат неговото секојдневие, а секое признание е дополнителен поттик за нови знаења, идеи и професионален напредок.








