ПРВ.мк
Топ Вести

НЕМА ВЕЌЕ КРИЕЊЕ ОД КАМЕРИТЕ: Моторџиите се „ловат“ на неколку локации - еве како!

НЕМА ВЕЌЕ КРИЕЊЕ ОД КАМЕРИТЕ: Моторџиите се „ловат“ на неколку локации - еве како!

Министерството за внатрешни работи пронашло техничко решение за проблемот со мотоциклистите кои досега не можеле автоматски да бидат идентификувани преку системот „Безбеден град“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција соопшти дека дополнителната опрема веќе дала резултати, откако само во првиот ден биле регистрирани околу девет прекршоци за недозволена брзина.

Проблемот со мотоциклите произлегувал од начинот на кој функционираат камерите. Системот ја снима предната страна на возилото, додека регистарската табличка кај мотоциклите најчесто се наоѓа на задната страна, поради што тие не можеле автоматски да бидат идентификувани.

Поради тоа, МВР поставило дополнителна опрема на локации каде што постоеле најдобри технички услови за нејзино функционирање. Според Тошковски, првичните резултати покажуваат дека решението функционира.

„Го решивме и на дел од територијата на Македонија каде што првично сметавме дека има најдобри услови да се постават, ги поставивме и мислам дека, ако не се лажам, првиот ден имаме констатирано некаде околу 9 прекршоци за недозволена брзина“, рече Тошковски.

Министерот посочи дека во изминатиот период биле надминати и други технички проблеми поврзани со системот „Безбеден град“. Меѓу нив биле поставувањето на камерите на критични сообраќајни точки, како и начинот на идентификација на возила со странски регистарски таблички.

Тошковски рече дека системот веќе ги опфаќа и странските возачи, но останува да се прошири начинот на санкционирање и на останатите гранични премини.

Како пример за предизвик кој не сакаат да се повтори, тој го посочи граничниот премин Табановце. Таму првично било проценето дека системот ќе треба да обработува околу пет возила на час, но реалниот број бил драстично поголем.

„Имавме проценка дека ќе има по 5 возила на час, а имавме по 500 возила на час“, изјави Тошковски.

Поради тоа, МВР сега работи на техничко решение за останатите гранични премини, со цел странските возачи да можат да ги регулираат своите обврски без дополнително и непотребно задржување.

Тошковски презентираше и податоци за бројот на загинати во сообраќајни несреќи. Според него, до 1 септември 2025 година во сообраќајот животот го загубиле 96 лица, додека во истиот период годинава бројката изнесува 60.

Тоа претставува намалување за 36 загинати лица во однос на истиот период минатата година.

Министерот намалувањето на бројот на жртви го поврза со примената на системот „Безбеден град“, но и со поголемото почитување на сообраќајните правила. Според него, примарната цел на системот е неселективно санкционирање на прекршоците, намалување на човечкиот фактор и, пред сè, спасување на човечки животи.