Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против пет физички лица и две правни лица поради сомнежи за злоупотреба на европски фондови и обид за стекнување противправна имотна корист во вредност од над 50 милиони денари.
Пријавите се доставени до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и до Основното јавно обвинителство Скопје.
Според Финансиската полиција, двајца надзорни инженери изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина за објекти кои не биле целосно завршени, со што овозможиле нивно впишување во Катастарот.
Истрагата покажала дека тројца сопственици и управители на две компании биле свесни дека објектите не ги исполнуваат законските услови за употреба, но ги искористиле спорните документи за да прикажат дека инвестициите се завршени.
Целта, според пријавата, била да се обезбеди исплата на финансиска поддршка преку Програмата за рурален развој во рамки на европскиот инструмент ИПАРД 2021–2027.
Со ваквите дејствија, осомничените се обиделе да стекнат противправна имотна корист во износ од 50.141.528 денари.
Против нив се поднесени кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги, измама на штета на средствата на Европската Унија во обид и употреба на исправа со невистинита содржина. За случајот ќе постапуваат надлежните обвинителства.








