ПРВ.мк
Магазин

Убод од оса и пчела – кога е безопасен, а кога мора веднаш да повикате Брза помош?

Убод од оса и пчела – кога е безопасен, а кога мора веднаш да повикате Брза помош?

Убодот од оса најчесто предизвикува само болка, црвенило и оток, но кај одредени лица може да доведе до тешка алергиска реакција која бара итна медицинска помош. Лекарите предупредуваат дека навременото препознавање на симптомите може да спаси живот.

Вообичаено, по убодот се јавуваат остра болка, чувство на печење, црвенило и благ оток околу местото на убодот. За разлика од пчелата, осата не го остава убодното жило во кожата и може да убоде повеќепати.

Меѓутоа, доколку се појават симптоми како нагло отекување на усните, јазикот или грлото, отежнато дишење или голтање, забрзано чукање на срцето, осип по целото тело, вртоглавица, повраќање или губење на свеста, неопходно е веднаш да се повика Итна медицинска помош, бидејќи може да станува збор за анафилактичен шок.

При убод, местото треба да се измие со вода и благ сапун, а потоа да се стави ладна облога за да се намалат болката и отокот. Доколку има силно чешање или поголем оток, по совет на лекар или фармацевт може да се користат антихистаминици или соодветни креми.

Лекарите советуваат лицата кои знаат дека се алергични на убоди од инсекти секогаш со себе да носат адреналински автоинјектор (EpiPen) и веднаш да го употребат доколку се појават симптоми на тешка алергиска реакција.

За да се намали ризикот од убод, се препорачува храната на отворено да биде покриена, да се избегнува приближување до гнезда на оси и да се внимава во близина на корпи за отпадоци и други места каде што овие инсекти често се собираат.