Холандија ги засилува подготовките за можни безбедносни закани и планира распоредување на околу 7.000 војници во рамки на голема НАТО-вежба, чија цел е проверка на подготвеноста на Алијансата и нејзините членки.
Според информациите, вежбата е дел од пошироките активности на НАТО за зајакнување на одбранбените капацитети во услови на зголемени тензии меѓу Алијансата и Русија.
Холандските власти нагласуваат дека станува збор за мерки на одвраќање и превенција, а не за подготовка за непосреден вооружен конфликт.
Началникот на холандските вооружени сили, генерал Оно Ејхелсхајм, ги повика припадниците на армијата да ја преиспитаат својата лична и професионална подготвеност, оценувајќи дека актуелната безбедносна состојба во Европа бара побрзи реакции и повисоко ниво на оперативна готовност.
Во меѓувреме, повеќе европски земји инвестираат во модернизација на армиите, набавка на нова воена опрема и заеднички воени вежби, поради проценките дека Русија во наредните години би можела дополнително да ги зајакне своите воени капацитети.
Холандија и досега активно учествуваше во зајакнувањето на колективната одбрана на НАТО, особено во балтичкиот регион и на источните граници на Алијансата, со цел да испрати порака за единство и подготвеност на сојузниците.









