На повтореното судење на родителите на момчето кое го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, беа изнесени нови детали за неговото однесување пред трагедијата.
Според судијата Драган Мартиновиќ, момчето во текот на 137 наставни дена имало дури 211 изостаноци во само 47 дена, а доказите покажале дека во најголем дел од случаите не било навистина болно.
Судијата посочи дека дадилката уште тогаш се посомневала дека детето намерно избегнува да оди на училиште, но дека родителите не реагирале соодветно.
Во текот на судењето беа прочитани и пораки кои мајката му ги испраќала неколку месеци пред трагедијата, во кои му пишувала дека мора да оди на училиште, дека не може само да одлучува дали ќе посетува настава и дека треба да ги надомести пропуштените часови.
Судот оцени дека е нелогично дадилката да забележала дека детето избегнува настава, а родителите, и покрај нивното животно и професионално искуство, да не го воочиле тоа. Дополнително било утврдено дека родителите ги оправдувале неговите изостаноци, а момчето често останувало будно до раните утрински часови.
Инаку, таткото на момчето е осуден на 14 години и шест месеци затвор, додека мајката доби казна од две години и 11 месеци затвор на повтореното судење.








