Единаесетгодишниот Македон Димитровски постигна извонреден успех, освојувајќи 1.440 поени на SAT тестот – приемен испит што го користат бројни престижни универзитети ширум светот.
Со овој резултат, Македон е подобар од 95 проценти од тестираните матуранти, иако има само 11 години, што претставува исклучително ретко достигнување.
Според информациите споделени од неговото семејство, тој е меѓу најуспешните ученици во светот кои на оваа возраст постигнале ваков резултат на SAT тестот.
Зад успехот стојат години посветена работа, дисциплина и љубов кон знаењето. Семејството упати благодарност до неговиот ментор Горан Милошовски за стручната поддршка, како и до тимот на Интернационалното училиште НОВА во Скопје.
Овој успех му отвора нови можности за понатамошен академски развој и претставува силна основа за неговата идна образовна кариера.







