Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, но попладне се очекува нов бран на нестабилно време проследено со пороен дожд, грмежи, силен ветер и локална појава на град, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а под влијание на циклонска активност во попладневните часови ќе се развива нестабилна облачност.
Според прогнозата на УХМР, на одделни места процесите ќе бидат поинтензивни и ќе прераснат во невреме со пообилен пороен дожд над 20 литри на квадратен метар, силен ветер со брзина над 60 километри на час и услови за појава на град.
Во Скопје, во попладневните часови се очекува развој на нестабилна облачност со дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината постојат услови и за краткотрајно невреме.
Максималните дневни температури ќе се движат од 27 до 36 степени Целзиусови, зависно од регионот.








