Објектот во кој работела дискотеката „Пулс“ со години бил реконструиран и пренаменуван без соодветна проектна документација, стручен надзор и инспекциски контроли, покажало градежното вештачење презентирано пред судот.
Според судскиот вештак и професор Горан Марковски, безбедноста на посетителите не била земена предвид при бројните интервенции што биле изведувани во периодот од 2012 до 2024 година. Во својот исказ тој посочил дека не биле почитувани пропишаните стандарди, законските процедури и правилата што требало да обезбедат сигурно функционирање на објектот.
Во вештачењето е наведено дека еден дел од објектот добил одобрение за градба уште во 1999 година, но за сосема поинаква намена, додека вториот дел бил легализиран во 2011 година како објект за лесна индустрија. Подоцнежната пренамена во ноќен клуб, според вештакот, не била проследена со неопходните проверки и адаптации што ги бара таков тип објект.
Особено спорен бил периодот од 2012 до 2024 година, кога биле реализирани повеќе градежни интервенции. Според презентираните наоди, за тие зафати не била пронајдена проектна документација, ниту докази за стручен надзор или инспекциски записници, што значи дека измените биле изведувани без соодветна контрола.
Последните поголеми измени биле направени во 2024 година, кога биле изградени нови шанкови и галерии. Според вештакот, тие дополнително го отежнале движењето на посетителите кон излезите и негативно влијаеле врз можноста за брза евакуација во случај на опасност.
Марковски посочил дека при пожарот брзо се урнала дел од покривната конструкција, што, според него, укажува на недоволна заштита на објектот за намена каква што имал. Воедно, не биле исполнети основните безбедносни услови за спречување на ширење на пожарот и чадот, навремена евакуација на луѓето и пристап на спасувачките служби.
Заклучокот од вештачењето е дека во случајот не станува збор за единечен пропуст, туку за долгогодишно непочитување на процедурите, при што, според вештакот, потфрлиле и системот и институциите задолжени за контрола на безбедноста на објектот.










