ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Нов закон носи поголема сигурност при откупот на производите - еве што се менува!

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Нов закон носи поголема сигурност при откупот на производите - еве што се менува!

Поголема сигурност за земјоделците при продажбата на нивните производи и појасно дефинирани правила во односите меѓу производителите, откупувачите и преработувачите се предвидуваат со новиот Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи.

Целта на предложеното законско решение е да се воспостави поуреден и потранспарентен земјоделски пазар, во кој производителите ќе имаат повеќе информации и поголема сигурност при планирањето и пласманот на своето производство.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски посочува дека земјоделскиот сектор има потреба од системски решенија што ќе овозможат навремено препознавање на ризиците и поголема предвидливост за производителите.

„Земјоделството повеќе нема простор за изнудени и ад хок решенија. Градиме систем што навреме ќе ги препознава ризиците, ќе воспостави ред на пазарите и ќе ја намали неизвесноста со која се соочуваат производителите“, вели Серафимовски.

Предлог-законот опфаќа повеќе области поврзани со функционирањето на земјоделскиот пазар. Меѓу нив се организираниот откуп, договорните односи меѓу учесниците, пазарните информации, интервентните мерки во услови на нарушувања на пазарот, организирањето на производителите, промоцијата на домашните земјоделски производи, училишните шеми и пазарните стандарди.

Една од позначајните новини е воведувањето писмени договори меѓу производителите и откупувачите, кои би требало да се склучуваат пред испораката на земјоделските производи.

Со договорите однапред би се дефинирале количината на производите, нивниот квалитет, цената или начинот на кој таа ќе се утврдува, рокот во кој треба да биде извршено плаќањето, како и останатите трошоци поврзани со откупот.

Предложеното решение, сепак, не предвидува државата административно да ги одредува откупните цени. Наместо тоа, се предлага воспоставување правила што треба да обезбедат поголема транспарентност и подобро следење на состојбите на пазарот.

Предвидено е и воведување електронска евиденција, како и јавно достапни информации за регистрираните откупувачи. Преку Земјоделскиот пазарен информативен систем и националната опсерваторија би се следеле податоци за производството, понудата и побарувачката, залихите, цените, увозот и извозот.

Со новиот закон се предвидува и зајакнување на улогата на организациите и групите на производители. Земјоделците би требало полесно да се здружуваат, заеднички да го планираат производството и да настапуваат на пазарот со поголеми количини и усогласен квалитет.

Според предложениот модел, ваквото организирање би можело да им овозможи на производителите посилна преговарачка позиција во односите со купувачите и откупувачите.

Предлог-законот предвидува и можност за јавна интервенција, како и поддршка за приватно складирање во ситуации кога ќе дојде до сериозни нарушувања на земјоделскиот пазар или кога ќе се појават ризици што можат значително да влијаат врз производителите.

Во подготовката на законското решение учествувале претставници на земјоделски здруженија и задруги, производители, откупувачи и преработувачи, стопански комори, како и научни и стручни институции.

Предложените мерки имаат за цел и усогласување на домашната регулатива со правилата на Европската Унија што се однесуваат на заедничката организација на земјоделските пазари.