ПРВ.мк
Македонија

Македонија со престижно светско признание во Дубаи: „Безбеден град“ на министерот Тошковски прогласен за најдобар проект за сообраќајна безбедност

Македонија со престижно светско признание во Дубаи: „Безбеден град“ на министерот Тошковски прогласен за најдобар проект за сообраќајна безбедност

Македонија освои престижно меѓународно признание на Светскиот полициски самит во Дубаи, каде што проектот „Безбеден град“ на Министерството за внатрешни работи ја доби првата награда во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност.

Овој значаен успех го соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, нагласувајќи дека Македонија успеала да се истакне во силна меѓународна конкуренција, меѓу која биле полициите на Сингапур и Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и полициската служба од индиската држава Махараштра.

За престижните награди пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави, распоредени во 13 категории.

Особено значајно е што меѓународното признание доаѓа во период кога Македонија бележи сериозно намалување на бројот на загинати во сообраќајот.

Според податоците што ги презентираше министерот Тошковски, во периодот јануари–октомври 2026 година на македонските патишта загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период минатата година и 119 во 2024 година. Тоа претставува намалување од околу 29 проценти во однос на 2025 година.

Дополнително, во периодот февруари–октомври, од почетокот на примената на системот, бројот на загинати е намален за 31,5 проценти.

Министерот истакна дека „Безбеден град“ не претставува само систем за казнување, туку сеопфатна реформа чија главна цел е заштита на човечките животи, поголема дисциплина во сообраќајот и еднаква примена на законите за сите граѓани.

Со воведувањето на дигиталните постапки, електронското известување и автоматизираното евидентирање на прекршоците, МВР направи значаен исчекор кон модернизација на сообраќајната контрола.

„Функцијата, името и познанствата не смеат да бидат причина за поинаков третман. Токму тоа го постигнавме со ‘Безбеден град’“, порача Тошковски.

Тој нагласи дека наградата им припаѓа и на граѓаните, полициските службеници и сите тимови кои придонеле за реализацијата на проектот.

Меѓународното признание претставува потврда за реформските напори на МВР предводено од министерот Панче Тошковски, но и дополнителен поттик за изградба на побезбедни улици и патишта.

Крајната цел останува јасна – помалку сообраќајни несреќи, помалку жртви и поголема безбедност за секој граѓанин.