Хрватското Министерство за здравство побара итен и целосен извештај од Град Загреб како основач на Психијатриската болница „Свети Иван“ за сите околности околу смртта на пациентот, постапувањето на Управата, навременоста на пријавувањето и надзорот над работата на установата.

Извештајот е побаран откако во оваа установа почина поранешниот спортист Кристијан Јосип Периш, поради што четворица медицински техничари беа веднаш уапсени, од кои тројца веднаш добија отказ.
Информацијата за смртта на Периш во психијатриската болница на загрепски Јанкомир ја вознемири јавноста, особено откако загрепскиот „Јутарњи лист“ објави снимки од надзорната камера во собата 11а на Клиниката за психијатрија „Свети Иван“.
Осум минути хорор
„Снимка на ужасот – не е претенциозно да се каже бидејќи повеќе од осум минути главата на Кристијан Јосип Периш е притисната со перница, која уште со нога ја притиска најпрво еден, а потоа двајца медицински техничари“, пишува Јутарњи.
Опишувајќи ја снимката, додаваат дека во еден момент во собата има дури 10 лица, меѓу кои и еден крупен маж во црни панталони и маица.
„Во еден момент влегува и петтиот медицински техничар, а на снимката се гледа и лекарка, која со некого разговара на мобилен телефон, како и медицинска сестра, која со шприц во десната рака му приаѓа на креветот“, наведе Јутарњи во описот на снимката.
Наведоа и дека снимката нема да ја објават од обзир кон семејството на починатиот Периш, но дека, како што истикнуваат, во јавен интерес е да се види постапувањето кон пациентот на кој цело време нозете и рацете му се врзани.
„Снимките предизвикуваат згражување и загриженост“
Од хрватското Министерство за здравство тврдат дека за смртта на Периш не биле навремено известени. Упатувајќи изрази на сочувство до семејството на починатиот Периш, се осврнаа и на снимките од болницата објавени во медиумите и предупредија:
„Снимките од Психијатриската болница Свети Иван во Загреб објавени во текот на денот во медиумите предизвикуваат згражување и сериозна загриженост. Призорите на брутално постапување кон врзан и беспомошен пациент претставуваат недопустливо кршење на основните начела на хуманоста, достоинството, медицинската етика и професионалноста“.
Министерство: Кој знаеше за ова и зошто не сме навремено известени?
Истакнуваат и дека подеднакво загрижува фактот што Министерството за здравство пријавата за несаканиот настани ја примило дури вчера, иако станува збор за настани со смртен исход. Потсетија дека со Правилникот за стандардите за квалитет на здравствената заштита и начинот на нивна примена е пропишана обврска директорот, односно одговорното лице, веднаш да го извести Министерството за неочекуван несакан настан.
„Поради тоа поставуваме јасно прашање: кој знаеше за овој настани и зошто Министерството не беше навремено известено?“, се наведува во соопштението на Министерството и порачаа дека одговорноста „не смее да застане само на непосредните учесници во настанот“.
Тие го повикаа Град Загреб без одлагање да ја преземе одговорноста што произлегува од неговата улога на основач, да спроведе итно и темелно испитување на постапувањето на Управата на болницата, како и да ги преземе сите мерки од своја надлежност.
Конечната причина за смртта сè уште не е утврдена
Конечната причина за смртта на Периш сè уште не е утврдена. Судијата на истрага на Жупанискиот суд во Загреб им одреди истражен затвор на четворицата медицински техничари уапсени под сомнение за тешко убиство на 32-годишникот.
Во меѓувреме, тројца медицински техничари добија отказ.







