ПРВ.мк
Свет

СУДОТ НАРЕДИ ПСИХИЈАТРИСКИ ПРЕГЛЕД НА ТАТКОТО НА МЕГАН МАРКЛ: Обвинет е за детска порнографија!

СУДОТ НАРЕДИ ПСИХИЈАТРИСКИ ПРЕГЛЕД НА ТАТКОТО НА МЕГАН МАРКЛ: Обвинет е за детска порнографија!

Федерален судија во американската сојузна држава Флорида нареди психијатриска процена на Томас Маркл, таткото на Меган Маркл, за да се утврди дали е ментално способен да се соочи со кривичната постапка во која е обвинет за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца.

Судијката Линдзи Грифин од Тампа во судскиот налог посочила дека уште при првото појавување на 82-годишниот Томас Маркл пред судот се појавиле прашања за неговата способност да учествува во кривичното гонење, пренесуваат странските медиуми.

Томас Маркл беше уапсен во петокот и се соочува со едно федерално обвинение за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Според обвинението, меѓу запленетите содржини имало две експлицитни фотографии на кои тој позира со голо малолетно девојче, како и други фотографии на кои се прикажани деца во различни фази на соблекување.

Една од спорните фотографии прикажувала голо девојче во просторија што наликува на соба во мотел на Филипините, каде што Маркл претходно престојувал одреден период.

Според изјавата на ФБИ, доставена до судот како дел од кривичната пријава, федералните агенти го заплениле спорниот материјал од складишни простории во Лос Анџелес што Маркл ги изнајмувал од 2008 година. Материјалите биле дел од поголема збирка во која имало дијапозитиви, филмски негативи и книги.

Директорот на ФБИ, Каш Пател, го коментирал случајот, оценувајќи дека Маркл „таргетирал невини деца и се обидел да им ја одземе невиноста преку своите криминални дејствија“.

На сослушувањето во петокот, Томас Маркл не се изјаснил за вината по обвинението. Судијката, сепак, одобрила негово ослободување од притвор со лична гаранција, но под строго определени услови. Му бил одреден домашен притвор, како и електронски надзор.

Во налогот издаден по сослушувањето, судијката Грифин навела дека постои „разумна основа за верување“ оти Маркл можеби има ментално заболување поради кое не е способен да ја разбере природата и последиците од судската постапка што се води против него или соодветно да учествува во подготовката на сопствената одбрана.

Судијката објаснила дека ваквата процена ја засновала на информации за неговата здравствена состојба, иако не ги прецизирала деталите, како и на неговата напредна возраст и проблемите со сеќавањето.

Поради тоа, судот ја именувал д-р Ејми Џеродимос, форензички психијатар, која треба независно да го прегледа Томас Маркл. Нејзината задача е да ја утврди неговата дијагноза и да процени дали е ментално способен да му се суди.

Грифин ѝ наложила на психијатарката да го достави извештајот со наодите до судот најдоцна до 20 ноември.