Добри вести пристигнуваат за пензионерите во Швајцарија, кои во декември годинава првпат ќе добијат 13. пензија, како дополнителна финансиска поддршка покрај редовните месечни примања.
Оваа мерка беше изгласана на референдум во март 2024 година, кога 58,2 проценти од гласачите го поддржаа воведувањето дополнителна годишна пензија.
Според швајцарските институции, првата исплата ќе биде реализирана во декември 2026 година, а дополнителната пензија ќе ја добијат околу 2,6 милиони корисници на старосна пензија.
Износот ќе зависи од пензијата што корисникот ја примал во текот на годината, а исплатата ќе се врши автоматски, без поднесување дополнително барање.
Сепак, воведувањето на мерката отвори сериозни прашања за нејзиното финансирање. Се проценува дека дополнителните исплати првично ќе чинат повеќе од четири милијарди швајцарски франци годишно, а во иднина трошоците би можеле да надминат пет милијарди.
Швајцарските власти предлагаат дел од средствата да се обезбедат преку зголемување на ДДВ од 8,1 на 8,5 проценти, за што граѓаните ќе одлучуваат на референдум на 29 ноември.
Во меѓувреме, фондација во Швајцарија започна иницијатива со која ги повикува финансиски посигурните пензионери доброволно да ја донираат дополнителната исплата за хуманитарни цели.
Овој пример го отвора и прашањето дали слична мерка би можела да се разгледа во Македонија, особено во услови на зголемени животни трошоци.






